Macedonian Poetry

Сон

Грмотевица се слуша
Страв лее во мојата душа
Чувствувам облаци тмурни,
емоции во сечија душа, бурни.
Ноќта е толку ладна,
капки дожд удираат по прозорецот
не се слуша ниту звукот на штурецот.
Ништо.
Само дождот.
И грмотевиците.
Го сечат мрачното небо на илјада парчиња,
а тоа молњи, плаче.
Ветер дува,
некој кошмари сонува.
Небото светнува,
а моето срце летнува.
Перницата ја стегам силно,
а очите полека ги затворам.
Се прашувам
Ќе успеам ли да заспијам?!

****

Очите ги отворам,
а пред мене божествена убавина.
Сонце грее,
мене срцето ќе ми запее.
Ох, колку убаво утро!

Macedonian Poetry

Моето парче Рај

Одблесокот од твоите очи
ја засени светлината на сонцето
ми ги магепса очите
ми го зароби срцето;
насмевката од твоите усни
ги прекри сите ѕвезди на небото
ми се врежа во мислите
ми се всели во паметот;
мирисот на твојот парфем
ги засени сите цвеќиња на светот
ми се вкорени во кожата
те чувствувам насекаде.
Твојата кожа, нежна како свила
образите црвени како крв
твоите раце
ги чувствувам на мојот врат
на моето лице
како божествено ме допираат
додека твојот глас
ми го поматува умот.
Не се искажува со зборови
љубовта што ја чувствувам
што ја имам во мене
како подарок
бесценет подарок за тебе.
Бакнеж посладок од мед
од твоите усни
како печат на моите.
Твоја сум, веќе ничија,
засекогаш.
Те погледнав во очите
пламен на нескротлива љубов
жарче на вечна среќа.
Знаев,
ти си моето парче Рај
моето парче Пекол,
кое засекогаш ми припаѓа
само мене!

Photo by Mateus Souza on Pexels.com
Macedonian Poetry

Не те ни познавам

Толку блиску, а толку далеку
Толку исти, а толку различни
Ти си ми сродна душа
А не сум те ни запознала
Ги сакам твоите најдобри особини
А не сум ги видела твоите недостатоци
Не те ни познавам,
а љубов почувствував
Штом слика твоја погледнав
Сонувам за една наша средба во иднината
Да ме погледнеш директно во очите
И да речеш со насмевка на лицето
“ти си таа што ја чекам целиот мој живот”
Знам каде си сега
и посакувам да бидам и јас
Но немам покана да излезам
и да зачекорам по врелиот асфалт
Сакам да си мој
Да ми посветуваш песни
Мрдајќи ги усните во ритамот на музиката
и ударите на тапанот
Не те ни познавам,
а љубов чувствувам
Мрачен мој странецу
Осветли ми го патот на животот
Толку далеку, а толку блиску те чувствувам
А сепак,
не те ни познавам.

Photo by Matthew Ang on Pexels.com
Macedonian Poetry

Носталгија

Осамена стојам на крајот на светот
Со болка во душа, го вдишувам чадот
Мирисот на умрените животни
Во себе ја носам носталгијата кон дома
Претчувствувам лоши денови, злобни дни,
Катастрофални соништа, валкани сни
Чувствувам како полека се гушам,
Немам веќе осет до каде сум пропаднала
Во лепешките насекаде
Кои се шират наоколу
Како злобен насмев, како лош збор
Небото се стемнува
Комарците бараат свежа крв
Да остават рани на кожата на некое дете
Да ги пуштат да се чешаат до бесвест
Да немаат мир ни додека заспиваат
Слушам нечии гласови
Ете идат, да ме затворат во некој кафез
Или да ме остават да мечтаам по мојот дом.
Доме мој, јас те сакам
Далеку сум од тебе, таа болка ме јаде
Сакам да шетам низ моите соби
Да пијам вода од мојата чешма
Да јадам на мојата маса
Да сонувам на мојот кревет
Да спијам на мојата перница
Да газам по тепихот на мојот под.
Да живеам во мојот свет!

Photo by Rene Asmussen on Pexels.com
Macedonian Poetry

Имав сон

Имав сон
Го сонував секоја вечер
Секојдневно се надевав
Дека сонот ќе ми се оствари
Се надевав и очекував
Сонот стануваше се посилен
Поинтензивен, пожив…

Имав сон
Сон да се заљубам
Да пронајдам среќа и љубов
Да пронајдам личност, сродна душа
Да се почувствувам среќна
И силно заљубена
Но и страствено сакана и посакуванa

Имав сон…
Еден ден се разбудив
и ја пронајдов сродната душа
Пронајдов личност што ме исполнува
Пронајдов душа што совршено се вклопува со мојата
Го пронајдов него
Но е недостапен
Недостижен.
Има линија околу него
И не смеам да ја преминам

Имав сон,
А сега имам кошмар
Кошмар кој постојано го преживувам
Секоја ноќ и секој ден… постојано!

Photo by Tom Fisk on Pexels.com
Macedonian Poetry

Остави

Остави ги чашите на масата
Остави го виното
Нека го уништи чаршафот
Остави ги чиниите со храна
Нека ја изедат глувците
Остави го телевизорот вклучен
Нека трае музиката гласна
Нека ги разбуди соседите
Остави ја цигарата во пепелникот
Нека ја засмрди целата соба
Нека пожолтат ѕидовите
Нека замаглат прозорите
Остави ги кажаните зборови
Нека останат врежани во мислите
Нека создаваат омраза во срцето
Остави ме и мене во оваа соба
Нека умрам полека
И нека исчезнам
Со отворањето на прозорот
Како и чадот од цигарата.

Photo by picjumbo.com on Pexels.com
Macedonian Poetry

Прогледав

Отворив очи.
По толку долго време,
конечно прогледав.
Околу мене – светлина.
Сакани луѓе – убавина.
Отворив очи
и се насмевнав.
Среќа почувствував.
Не сум бесмртна,
но повторно оживеав.
Отворив очи
и запеав.
Музика создавав
Секој здив,
слободно го вдишував.

Отворив очи,
отворив срце,
отворив душа.
Јас живеам!